ЕУРОМЕЛАНОМА – Европска кампања за спречување на ракот на кожата
Карциномите на кожа се приоритетен глобален јавно-здравствен проблем. Инциденцата е се поголема во последните децении и во развиените и во неразвиените земји. Карциномите на кожа се со алармантен пораст во светот. Според Светската здравствена организација, 2-3 милиони луѓе годишно заболува од немеланомските форми на карцином на кожа, од кои 130.000 од најмалигниот меѓу нив, меланом. Во зависност од географската област, бројот на нови случаи во светот расте меѓу 3 и 7 проценти годишно.
Светските климатски промени и промените во животниот стил влијаат на се позачестената појава на ракот на кожата. Kожата има буквално неизбришлива меморија за изложеноста на ултравиолетовото зрачење. Постојат евидентни докази дека и двата типа УВ зраци (УВА и УВБ) предизвикуваат оштетување на кожата. Светската Здравствена Организација (СЗО) и Националниот Институт за здравје во САД ги идентификувале УВ зраци како хуман карциноген. Прекумерната УВ радијација ги оштетува клеточните структури во кожата (ДНК) и продуцира генетски мутации кои водат до појава на карцином.
Кој е со ризик за рак на кожа?
Секој човек може да добие рак на кожа. Но, најчесто се јавува кај луѓе после 50-та година од животот или кај луѓе со продолжена или интензивна изложеност на сонце.
Имате зголемен ризик за рак на кожа ако:
- Имате светла кожа или сте предиспонирани да горите на сонце
- Сте имале изгореници во текот на детството
- Престојувате на сонце долго време (професија или хоби)
- Се изложувате на интензивно сонце во краток временски период (на одмор)
- Користите солариумиl Имате повеќе од 50 бемки
- Имате семејна историја за рак на кожа
- Сте возрасни над 50 години
- Имате трансплантирани органи
Заштитувајте се секогаш на сонце!
- Избегнувајте го претераното изложување на сонце – Престојувајте во сенка кога е можно и избегнувајте го летното сонце во период од 11 до 16 часот.
- Носете заштитна гардероба – Носете заштитна гардероба со долги ракави, заштитни капи или шешири и наочари за сонце со ултравиолетова заштита.
- Користете секогаш заштитна крема за кожата – Проверете дали користите средства со висок заштитен фактор за заштита од УВА и УВБ зраци.Запомнете дека кремите за заштита од сонце имаат ефект ако се нанесуваат половина час пред изложувањето на сонце и нивниот ефект трае само два до три часа.
“Децата се со најголем ризик за долгорочни здравствени проблеми во врска со претераното изложување на сонце. Играта на отворено е многу важна за децата, но не смеете како родители да дозволите Вашето дете да добие изгореници.”